Граве сервис
1.Кој е договарач на осигурување?
Договарач на осигурување е лицето кое го склучува договорот за осигурување, кое има обврска да ја плаќа премијата и на кого му припаѓаат сите права и обврски од договорот за осигурување на живот.
2. Кој е осигуреник?
Осигуреник е лицето чиј живот е осигуран.
3. Кој е корисник на осигурување?
Корисник на осигурување е лицето кое во случај на настанување на осигурен случај има право на надомест на осигурување.
4. Кои се предности на осигурување на живот?
- Осигурување на живот е осигурување кое нуди покритие во случај на природна смрт (смрт поради болест) и смрт како последица од несреќен случај,
- Договарачот на осигурувањето со уплатата на премијата за осигурување на живот го стекнува правото на дел од добивка кој му припаѓа,
- По завршување на траење на договорот за осигурување, договарачот може да го избере начинот на исплата на надоместот. Исплатата е возможна наеднаш или во вид на рента (месечна, тримесечна, полугодишна и годишна).
5. Која е постапката за склучување на договор за осигурување на живот?
Идниот договарач на осигурување ја пополнува понудата за склучување на договор за осигурување на живот. Ако ГРАВЕ во рок од 8 дена не ја одбие понудата за осигурување, а понудата не одстапува од Општите услови за осигурување, договорот се смета за склучен оној ден кога понудата ќе доспее во ГРАВЕ. Осигурителното покритие по полисата започнува на денот на доспевање на понудата во ГРАВЕ, но не пред денот кој е наведен на понудата како почеток на осигурувањето. ГРАВЕ за склучениот договор за осигурување изработува полиса и ја испраќа на адреса на договарачот на осигурување. Понудата, полисата, општите и посебните услови за осигурување се составен дел на договорот за осигурување.
6. Кој може да склучи договор за осигурување на живот?
Договарач на осигурување на живот може да биде полнолетно физичко лице кое е работоспособно, а осигуреник може да биде лице кое има навршено најмалку 15 години живот. Како договарач на осигурување може да биде и правно лице, а како осигуреници да бидат неговите вработени.
7. Дали може да се добие аконтација по полиса за осигурување на живот, во кој износ и во кој момент?
Аконтација е можност на договарачот на осигурување најрано по завршување на третата година од траење на осигурувањето да му се исплати паричен износ во висина од 80% од откупната вредност на полисата под услов откупната вредност да е поголема од 1.000 ЕВРА. Годишната камата на одобрениот износ во моментот е 8%, а се уплаќа со премијата за осигурување. Враќањето на аконтацијата не е временски ограничено, а договарачот позајмениот износ може да го врати одеднаш.
8. Колку изнесува најниската годишна премија и кои се начините на плаќање на премијата?
Најниската годишна премија по полиса за осигурување на живот кај ГРАВЕ АД Скопје изнесува 250 Евра годишно. Премијата за животно осигурување може да се плаќа на повеќе рати и тоа:
- годишно плаќање од 250 до 349 евра,
- полугодишно плаќање од 350 до 549 евра со доплата од 2% на вкупната премија,
- тримесечно плаќање од 550 евра и повеќе со доплата од 4% на вкупната премија.
9. За кој период може да се договори осигурување на живот?
Осигурување на живот може да се договори најкратко на 10 години траење, а најдолго на 40 години. Горната старосна граница на завршување на траење на осигурувањето е 75 години старост на осигуреникот.
10. Што е осигурен износ?
Тоа е износот на кој осигуреникот е осигурен, односно ја претставува висината на осигурителното покритие.
11. Што е очекувана добивка и кога е почетокот за нејзино припишување?
Добивката се пресметува врз основа на приносот од вложувањата на средствата од математичка резерва за осигурувањата на живот по вкупна каматна стапка дефинирана со Одлука од Одбор на директори на Друштвото. Добивката е очекувана, бидејќи со сигурност не може да се предвидат идните движења на каматните стапки. Затоа секогаш зборуваме за очекувана, а не за загарантирана добивка. Делот од добивката се припишува на крај од секоја осигурителна година, а најрано по истекот на втората година од почнувањето на траење на осигурувањето.
Договарачите на осигурување по писмен пат се известуваат за припишаната добивка. Добивка не се припишува на дополнително осигурување (дополнително осигурување од несреќен случај за случај на трајна инвалидност, дополнително осигурување од несреќен случај за случај на смрт, дополнително осигурување за ослободување од плаќање на премија за случај на работна неспособност).
12. Што се случува со полисата кога договарачот на осигурување не може да ја плати премијата?
Доколку од почеток на осигурувањето е помината една десетина од договорениот рок на траење на полисата, полисата по автоматизам ќе биде капитализирана, односно ослободена од понатамошно плаќање на премија. На договарачот на осигурување му се одредува нов, помал осигурен износ на кој е осигурен осигуреникот за периодот додека не се плаќа премијата. Договарачот на осигурување може кога ќе посака да продолжи да плаќа премија со доставување на писмено барање и доказ за уплатената премија. Осигурениот износ кој е променет во износ ослободен од плаќање на премија не може да биде помал од 230 Евра.
Ако од почетокот на траење на осигурувањето е поминато помалку од една десетина од договорениот рок на траење, а договарачот на осигурувањето не ја плати доспеаната премија во рок од 30 дена од добивањето на втората опомена, договорот за осигурување ќе биде раскинат, односно полисата ќе биде сторнирана. Со раскинувањето завршува и осигурителното покритие. Доколку договарачот на осигурувањето сака да продолжи со плаќање на премијата по сторнирање на полисата, тоа може да го направи во рок од една година од денот кога договорот е раскинат. Во ваков случај договарачот е обврзан по писмен пат да побара реактивирање на полисата и да ги плати сите заостанати и идни обврски за плаќање на премијата. Исто така во писменото барање договарачот на осигурувањето мора да даде изјава за моменталната здравствена состојба на осигуреникот и дека во периодот додека полисата била сторнирана не се случил осигурен случај.
13. Дали може да се изврши промена на корисникот на полисата?
Договарачот на осигурувањето може во секој момент да изврши промена на корисникот на осигурувањето со доставување на писмено барање за таквата промена.
14. Што се случува со полисата кога договорот за осигурување се раскинува пред истекот на рокот договорен во полисата за осигурување на живот?
Ако договарачот на осигурување после упатеното барање од ГРАВЕ за плаќање на премијата истото не го направи ниту тоа за него го направи друго заинтересирано лице, ГРАВЕ има право со препорачано писмо да го предупреди договарачот на осигурување за правните последици од таквото однесување и во рокот одреден во тоа барање да побара од договарачот на осигурување да го плати неплатениот износ на премијата за осигурување, трошоците за опомена и поштарина.
Во случај договарачот на осигурување во наведениот рок наведен во тоа писмо да не го плати назначениот долг, следи:
- ако доспеаната премија за осигурување не биде платена до крајот на месецот во кој е помината една десетина од договорениот рок на траење за плаќање на премијата за осигурување, ГРАВЕ има право да го раскине договорот
- ако се платени премиите за осигурување за најмалку 3 (три) години од времетраење на осигурувањето, договарачот на осигурувањето може да го откупи осигурувањето.
- ако премијата за осигурување не е платена на договорениот ден на доспевање, а под услов да е платена една десетина од премијата во договорениот рок, договарачот на осигурување има право да го редуцира договорот за осигурување во осигурување ослободено од плаќање на премија (капитализација).
Раскинувањето на договорот се смета за неважечки ако договарачот на осигурување во рок од 30 дена од приемот на препорачаното писмо од ГРАВЕ ги плати сите заостанати премии за осигурување, каматите и трошоците, а под услов осигуреникот да не е умрен. Неплатените премии може да се платат под исти услови и по завршување на наведениот рок, но најдоцна во рок од една година од првото доспевање на премијата за осигурување.
15. Која е постапката за откуп на полиса за осигурување на живот?
Договарачот на осигурување има обврска во седиштето на ГРАВЕ да достави:
- писмено барање за откуп на полиса со наведената трансакциона сметка на која треба да се изврши исплатата на откупната вредност и
- оригиналната полиса за осигурување.
16. Што е индексација на полиса за животно осигурување?
Прилагодување на осигурениот износ или »индексација« може да се договори кога е осигурениот износ 3.500 Евра или повеќе за програмите на осигурување Г1, супер Г3 и Г5. Осигурениот износ се менува согласно со Посебните услови за прилагодување на осигурениот износ ако порастот на трошоците за живот е поголем од 5%. Со зголемувањето на осигурениот износ се зголемува и премијата за осигурување за наредниот период од траењето на договорот за осигурување. Прилагодувањето на осигурените износи не може да се изврши во последните пет години пред завршување на договорот за осигурување и кога осигурувањето е ослободено од плаќање премија (капитализација).
17. Кои измени на полисата се дозволени и кога може да се направат?
Следните измени се можни за времетраење на осигурителната година:
- промена на адресата на договарачот или осигуреникот,
- промена на име на улица,
- промена на корисникот на осигурување,
- промена на презиме на договарачот или осигуреникот и
- промена на професија (детални објаснувања се дадени во одговорот на прашањето број 19)
Следните промени се можни по завршување на траење на осигурителната година:
- намалување или зголемување на премијата,
- измени кои се однесуваат на промена на број на ратите за плаќање на годишната премија и
- склучување на дополнително осигурување или раскинување на договорот за дополнително осигурување како последици од несреќен случај.
Сите наведени промени се можни само ако договарачот на осигурување ги достави во писмена форма. Барањето за промена мора да биде потпишано од договарачот на осигурување.
18. Имам винкулирано полиса во корист на банка. Дали можам да ја намалам висината на премијата?
Кај полисите кои се винкулираат во корист на банка може да се изврши намалување на премијата, но новиот осигурен износ не може да биде помал од износот кој е винкулиран.
19. Имам направено промена на професијата. Дали е потребно тоа да го пријавам во ГРАВЕ?
Секоја промена на професија потребно е во писмена форма да се достави во ГРАВЕ поради проценка на можно зголемување или намалување на ризикот.
20. Јас сум странски државјанин. Дали можам да склучам осигурување на живот во ГРАВЕ?
Странски државјани можат да склучат договор за осигурување на живот во ГРАВЕ АД Скопје само доколку имаат регулирано престој во Р.Македонија.
21. Која документација мора да се достави кога ќе настапи смртен случај?
Со доставување на барање за исплата на надомест за штета, во ГРАВЕ е потребно да се достават и следните документи:
- фотокопија на извод од матична книга на умрени
- опширно лекарско уверение од лекарот кој последен го извршил лечењето на умрениот, а ако умрениот не се лечел тогаш некое друго лекарско или службено уверение. Во уверението задолжително треба да се наведе причината за смртта, почетокот и напредокот на болеста која била причината за смрт и околности под кои настапила смртта.
ГРАВЕ може да побара и други потребни докази или сам да отвори постапка за утврдување на вистинитост на штетниот настан. Постапката може да се однесува на времето пред доставување на понуда за осигурување и една година пред настанување на смртта. ГРАВЕ може да бара заверка со потпис на сите потребни докази и потпис на признаница за прием на надоместот. Трошоците кои настануваат се на товар на лицето кое ќе го достави барањето за надомест. Трошоците кои ќе настанат за време на истрага или прибирање на доказен материјал, а не се неопходни на почетокот, развојот на смртоносната болест и околностите под кои настапила смртта се на товар на ГРАВЕ.
22. Имам полиса за осигурување на живот во ГРАВЕ, дали можам да ја приложам за добивање туристичка виза за патување во странство?
Не, полисата за осигурување на живот не можете да ја приложите за добивање на туристичка виза, за тоа Ви е потребно здравствено осигурување